Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, на италијанските медиуми изјави дека ја одбил најголемата понуда која ја добил еден тренер во историјата на фудбалот.
Иако не потврди, сите знаат дека понудата беше од Саудиска Арабија, но Португалецот ја одби бидејќи сакаше да остане во Рома со која има лош старт на сезоната освојувајќи само пет бода во првите шест кола во Серија А.
„За време на летниот преоден рок ја имав најголемата и најлудата понуда која еден тренер ја добил во историјата на фудбалот, но ја одбив бидејќи им дадов збор на фудбалерите, на навивачите и на сопственикот Фридкин.
Три месеци подоцна изгледа како јас да сум проблемот, но тоа не го прифаќам. Не читам весници, ниту гледам телевизија, но пријателите ми велат дека така се зборува. Проблемот не е во мене, има многу фактори. Не можете да кажете дека една личност е заслужна за победите, сите сме. Дадов збор и ќе го испочитувам до 30 јуни 2024 година. Тука сум да се борам секој ден за играчите, за навивачите и за сопствениците. Само една личност може да ми каже дека е готово пред 30 јуни, а тоа е господинот Фридкин“, изјави Мурињо.
Рома денеска пред своите гледачи игра против Фросиноне и победата е единствена опција.