Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, имаше свое шоу пред новинарите на прес-конференцијата по натпреварот со Манчестер јунајтед, кој заврши 1-1 од третото коло во Лигата на Европа.
„Тие се тимот кој освои бод против нас, а не ние против нив. Игравме неверојатно. Ако играме исто вака и во првенството, ќе ги урнеме сите што ќе ни се најдат на патот. Онана направи две фантастични одбрани, тој им го зачува овој резултат. Направи две невозможни одбрани за 10 секунди. Знам дека англиските медиуми ќе кажат дека Јунајтед не одигра баш најдобро, но мислам дека би било фер да се каже дека одигравме извонреден натпревар и бевме подобри од нив. Ова е добар резултат за Манчестер јунајтед“, изјави Мурињо.
Главниот судија Клемен Турпан го исклучи португалскиот стручњак по неговото незадоволство од судиската одлука да не досуди пенал за Фенер во 56-тата минута.
„Судијата ми кажа нешто неверојатно. Ми кажа дека во исто време може да види што се случува во шеснаесетникот и мојата реакција на страничниот дел од теренот. Со едното око ја проценувал ситуацијата со пеналот, а со другото го гледал моето однесување. Тој е најдобриот судија на светот!“, рече Мурињо со голема доза на иронија.
„Ако се жалам, ќе ме казнат со дополнителни шест месеци. Затоа кога ќе заминам од Фенербахче, најдобро да одам во клуб кој не игра во европските натпреварувања, па ако има клуб кој е на дното на Англија и на кому му треба тренер за две години тука, подготвен сум да одам таму“, заклучи Специјалниот.