Тотенхем утревечер на свој терен ќе го пречека Евертон во дуел на две екипи кои ги загубија шансите во борбата за места кои водат излез во европските купови преку Премиер лигата. Двете најголеми ѕвезди на двете екипи се тренерите. Жозе Мурињо како предводник на Тотенхем, најави дека ќе го прекрши дадениот здравствен протокол и тоа поради стратегот на Евертон, Карло Анчелоти.
„Мислам дека во понеделник ќе го прекршам правилото за социјална дистанца од еден метар. Карло Анчелоти е човек кој многу ми се допаѓа. Сите во светот на фудбалот го сакаат и го почитуваат како тренер и како личност. Освен што ми е многу мил како личност, тој е еден од најдобрите тренери во светот во последниве 20 години. Неговото враќање во Премиер лигата е привилегија за целото натпреварување“, рече Мурињо.
Дуелот меѓу Тотенхем и Евертон ќе биде и прво тренерско соочување на Мурињо и Анчелоти по пауза од повеќе од 10 години. Последен пат меѓу себе играа во март 2010 година, кога Интер со Мурињо на чело го исфрли Челзи на Анчелоти во осминафиналето од Лигата на шампиони. Подоцна Интер со Мурињо стана и европски првак.