Жозе Мурињо и во новата сезона останува засега без тренерски ангажман. Сепак, Португалецот секогаш е во центарот на вниманието. Тој ќе биде стручен аналитичар за дуелите од англиската Премиер лига, а првиот меч ќе му биде тој меѓу поранешните негови клубови, Манчестер јунајтед и Челзи.
Иако се работи за прво коло од Премиер лигата, Мурињо вели дека уште сега е јасно кој ќе биде новиот првак, односно нема да има нов првак, туку Манчестер сити ќе го одбрани тронот. Португалецот е толку сигурен дека Сити има најсилен тим, што дури коментираше дека ако има и Манчестер сити Б тим во лигата, тој ќе биде второпласиран, пред сите останати ривали.
„Манчестер сити, Манчестер сити Б, Ливерпул, па Тотенхем“, е прогнозата на Мурињо, кој меѓу кандидатите за титулата воопшто не ги спомна „неговите“ Манчестер јунајтед и Челзи, но и тимот на Арсенал.