Манчестер јунајтед го победи Јанг бојс со 1-0 и се пласираше во осминафиналето од Лигата на шампиони, а многу коментари предизвика и погодокот на Маруан Фелаини, но и реакцијата на тренерот Жозе Мурињо по тресењето на мрежата на гостите.
По видеоснимката се забележува дека непосредно пред да погоди, Фелаини играл со рака, но судиите тоа не го забележаа. По погодокот на Фелаини, повеќе од чудна беше реакцијата на Мурињо. Наместо да слави, португалскиот стратег почна да фрла и да крши, а најмногу настрадаа шишињата со вода наменети за домашните играчи.
По завршување на дуелот, Мурињо објасни зошто така реагирал.
„Можам да замислам дека некои од нашите навивачи дури и ги имаат искршено теливизорите кога го дадовме голот. Мислам дека сите беа фрустрирани кога гледаа како започнавме, мотивирани, со многу интензитет, со желба за победа, а потоа настана фрустрација кога делуваше дека на крајот мечот ќе заврши нерешено. Кога дадовме гол, мојата реакција беше како експлозија. Верувам дека и многу навивачи кои гледаа дома добија експлозија на олеснување, затоа што не одигравме за 0-0. Тој резултат 0-0 ќе беше лажен резултат и голема казна за нашите играчи“, рече Мурињо по победата над Јанг бојс.