Некогашниот тренер на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, кој го презема турскиот гигант Фенербахче, беше на „Вембли“ како специјален гостин за финалето во Лигата на шампиони по кое Реал Мадрид се радуваше на трофејот, а Борусија Дортмунд остана да тагува за пропуштената шанса.
Мурињо вели дека успехот на Реал Мадрид е благодарение на добрата клупска политика.
„Структурата на Реал Мадрид е многу едноставна. Флорентино Перес, Хосе Анхел Санчес, главниот скаут и тренерот. Тоа е се. Одлично е поставена структурата и затоа победуваат. Анчелоти не е тренер на социјалните мрежи. Тој е вистински тренер. Влезете во неговата канцеларија и видете ги трофеите кои ги има освоено“, вели Мурињо.
Портуалскиот стратег по финалето ги тешеше и фудбалерите на Борусија Дортмунд, како и тренерот Един Терзиќ.
„Времето нема да помогне. Ќе биде тешко до крајот на нивните кариери, до крајот на животите. Сепак, треба да бидат исклучително горди за тоа што го направија. Терзиќ како тренер го направи своето. Тренерот не може да постигне гол, но тој организира, креира, создава менталитет на тимот“, му рекол Мурињо на тренерот на Милионерите по финалето на „Вембли“.