Португалскиот фудбалски стручњак Жозе Мурињо во својата долга кариера постигна многу незаборавни победи, но една од нив има посебно место во неговото срце.
Во интервју за документарната серија на Би-би-си наречена „Како да се освои Лигата на шампионите“, поранешниот тренер на Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Рома, а актуелен на Фенербахче, кажа дека натпреварот кој најемотивно го потресол бил реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите во 2010 година, кога Интер ја елиминира Барселона на Пеп Гвардиола.
По победата од 3-1 во првиот натпревар во Милано, Нераѕурите се најдоа во исклучително тешка ситуација на „Камп ноу“ откако Тијаго Мота доби црвен картон во 28-мата минута. Пике постигна гол за Барса на шест минути до крајот, но Интер издржа со играч помалку речиси цел натпревар и се пласира во финалето. Крајот на мечот ги ослободи емоциите кај Мурињо, кој со радосен спринт влезе на теренот.
„Тоа значеше да се победи најдобриот тим во Европа во тоа време. Фактот што речиси никој не веруваше дека тоа е можно, даваше дополнителна мотивација. Играњето со десетмина играчи толку долго овој натпревар го прави апсолутно неверојатен од емоционална гледна точка“, објасни Мурињо.
За Мурињо тоа не беше само победа над еден од најфалените тимови во историјата, туку и триумф на прагматизмот над прекрасниот за око, но ранлив фудбал на Гвардиола. Победата беше уште значајна и од друга лична гледна точка на Мурињо бидејќи тој ги помина своите рани години како помошник-тренер и преведувач на Боби Робсон во Барселона.