Жозе Мурињо повторно се жали по пораз, овојпат од Челзи во градското дерби на Лондон, а сега вели дека со играчите што ги имал на располагање, тоа е и максимумот.
Тотенхем загуби со 0:1 и има три порази по ред, што го доведе тимот до пад од неколку позиции на табелата во Премиер лигата и го доведе до осмото место.
„Бевме ослабени без неколку клучни играчи, особено во офанзивата. За нас капитенот Хари Кејн е од витално значење во нападот, ни недостасуваат и офанзивните решенија на Регилон, а секако дека е хендикеп и кога не ви играат фудбалери од калибарот на Џовани Ло Селсо и на Деле Али. Тоа е премногу за секој тим, кога во составот нема четири клучни играчи“, изјави Мурињо по поразот од Челзи.
Тотенхем со 33 бода и меч помалку е осми во Премиер лигата, позиција што не носи настап во европските купови, а Спарс имаат амбиции да се пласираат меѓу четирите најдобри екипи, што гарантира настап во Лигата на шампионите. Разликата со моментно четвртопласираниот Ливерпул е 7 бода, а до крајот на шампионатот Тотенхем треба да одигра уште 17 натпревари.