Португалскиот стручњак Жозе Мурињо откако и официјално беше претставен како нов тренер на Фенербахче, се растрча ширум Европа по фудбалери за својата нова екипа. Се шпекулираше дека Мурињо сака да ги ангажира Ромелу Лукаку и Пауло Дибала, но тој самиот ги демантираше овие информации.
Последните вести кои доаѓаат од Истанбул се дека Португалецот го контактирал Реал Мадрид и го барал Арда Ѓулер како позајмен, со оглед на тоа дека младиот Турчин тешко би се изборил за место во првата постава покрај Килијан Мбапе или Бразилецот Ендрик.
Турчинот и оваа сезона имаше скромна минутажа, забележа настап само на 10 натпревари и одигра 330 минути за Кралскиот клуб, но затоа дури шестпати успеа да се запише во листата на стрелците.
Арда Ѓулер важи за еден од најголемите таленти во светот. Минатото лето токму од Фенербахче се пресели во Реал Мадрид.