Мурињо поетски настроен пред мечот со Манчестер јунајтед

Жозе Мурињо како предводник на стручниот штаб на Тотенхем, вечерва на свој терен го пречекува неговиот поранешен клуб Манчестер јунајтед, па беше посебно инспириран при видеообраќањето до фановите на лондонските Петли. Португалецот кој често знае да филозофира и да претерува кога дава изјави, овојпат беше поетски настроен и рече дека иако ќе немало публика на трибините, стадионот на Тотенхем ќе биде полн, ама со љубов и поддршка.

„Кога јас и моите играчи ќе се појавиме на празниот стадион, тоа нема да биде празен стадион, туку стадион полн со вашата љубов и поддршка. Ќе ја чувствуваме вашата поддршка која е со цело срце. Знаеме дека од дома пред телевизорите ќе нè бодрите како да сте тука на трибините. Ви ветувам добар меч и ќе се обидеме да ве израдуваме“, рече Мурињо во обраќањето до фановите на Тотенхем.

Дербито против Јунајтед за Тотенхем е важно бидејќи неуспех многу ќе ги оддалечи од борбата за четвртото место кое води во Лигата на шампионите. На девет кола до крајот, Челзи е четврти со 48 бода, Манчестер јунајтед е петти со 45, а Тотенхем е осми и има 41 бод.

Добра вест за Тотенхем е што за првпат од 1 јануари наваму на терен ќе биде ѕвездата Хари Кејн. Навивачите го накитија стадионот со знамиња и банери, па играчите во бели дресови ќе имаат потсетник дека од дома ги гледаат многу нивни фанови, како што кажа Мурињо, полни со љубов и поддршка.

- Оглас -

Најнови вести