Екипата на Рома е во тешка борба да стигне до позиција во Серија А, која ќе ја одведе до пласман во Лигата на шампионите за следната година. Римската волчица синоќа киксира на гостувањето кај Монца и освои само еден бод (1:1), а тренерот Жозе Мурињо како најголем виновник за овој неуспех го посочи главниот судија Даниеле Чифи.
„Овој е најлошиот судија што го имам видено во кариерата. Верувајте ми дека е така, а имам видено многу, многу лоши судии. Обично кога зборувам за судиите,тоа е поради тоа што имаат директно влијание на мечот. Во овој случај не е така. Судијата едноставно беше очаен, нема емпатија, ниту сака некого да сослуша. Му даде црвен картон на фудбалер кој се лизна затоа што загуби снага во 96-тата минута. Има клубови кои кажуваат „не го сакаме тој судија“ и желбите им се исполнуваат. Рома тоа не може да си го дозволи“, рече лутиот Мурињо, кој откри дека додека е на клупата за време на мечот, со себе носи микрофон и снима се што кажал тој. Со тоа сака да се заштити од некои неточни обвинувања на негова сметка.