Премиер лигата и овој викенд „чести“ уште едно возбудливо дерби кое од неколку причини ќе биде интересно за следење. Тотенхем во недела го пречекува градскиот ривал Челзи, па сите со нетрпение чекаат да бидат што ќе смисли Жозе Мурињо против својот некогашен тим.
Мурињо и претходно имал прилика да се соочи со Сините, го направи тоа со Интер и Манчестер јунајтед, а сега за првпат како предводник на Петлите ќе се појави во ова градско дерби. На прес-конференцијата во пресрет на овој меч, новинарите не ја испуштија можноста да го прашаат Мурињо што мисли околу средбата со неговиот ексклуб, а тој одговори во негов стил.
„Моето внимание е 100% насочено кон Тотенхем. Нема простор да мислам на моите поранешни клубови. Бев максимално посветен на секоја работа, но тие ми се бивши, а бившите не ме засегаат. Сега мојот клуб е Тотенхем, така што за мене ќе биде лесно да не покажам емоции“, порача Мурињо.
Португалецот имаше два успешни мандати со Сините, но и во двата наврати излезе на малата врата, односно доби шут-карта од Роман Абрамович. Мурињо е трикратен англиски првак со Челзи, ја покори Англија во 2005, 2006 и 2015 година, а во трофеј-кабинетот додаде и неколку куп-пехари.
Дербито е резервирано за неделното попладне, спекталкот на стадионот на Тотенхем ќе почне во 17:30 часот.