Жозе Мурињо сезонава ја започна како тренер на Галатасарај, но по неуспехот да се пласира во Лигата на шампионите, Португалецот доби отказ. Веднаш потоа Бенфика го ангажира докажаниот стручњак и во првите три меча под негово водство има две победи и едно реми во првенството.
Пред Бенфика сега е еден пеколен период затоа што следуваат четири меча по ред на гостински терен. Најпрво следува дуел против Челзи во Лигата на шампионите, потоа гостување кај Порто во домашното првенство, па меч од Лига купот на Португалија на теренот на Лавел и на крај пресметка против Њукасл во Лигата на шампионите.
Ова ќе биде само осми пат Бенфика да игра четири меча по ред на гостински терен. Само во два наврати Бенфика успеала да победи на сите четири гостувања. Интересно е дека двата подвига со по четири победи по ред на гости, Бенфика ги направи под водство на еден ист тренер, а тоа е Жорж Жесус. Првиот пат четири победи по ред на четири гостински средби едно по друго Бенфика имаше во сезоната 2010/11, а потоа тоа го повтори и во сезоната 2012/13.
Во 2010/11, Бенфика на гости ги победуваше Рио Аве (2:0), Авеш (3:0), Порто (2:0) и Викторија Гимараиш (2:0) во мечеви од Купот на Португалија, Лига купот и во првенството. Во сезоната 2012/13 победувани на гости беа Академика (4:0), Мореиренсе (2:0), Брага (2:1) и Пакош Фереира (2:0) во пресметки од првенството и во Купот на Португалија.
Сега е ред да се обиде Мурињо да ги повтори овие подвизи, иако факт е дека пред него има многу посилни ривали.