Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, се обиде да даде искрена оценка за својата играчка кариера, откако му беше поставено прашање за настапот на еден од неговите дефанзивци.
Мурињо играше во пониските лиги во Португалија како играч од средниот ред, пред да ја заврши својата играчка кариера на 24 години и да се посвети на тренерскиот занает.
„Не знам дали си играл фудбал, јас играв на ниско ниво, бев лош играч, но сепак играв“, му се обрати Мурињо на еден турски новинар.
„Кога имаш жолт картон и си дефанзивец, тогаш си во неволја. Џејдон доби жолт картон во 12-тата минута, па, затоа, да одигра 75 минути против добар противник на гости… Можам да те уверам, пријателе, дека тоа не е лесно. Така што, Џејдон заврши добра работа и освоивме бод против добар тим“, изјави Мурињо.
Фенербахче освои бод против Твенте, откако ветеранот Душан Тадиќ израмни во 71-та минута.
„За мене, не е важна возраста, туку дали се добри играчи, просечни играчи или лоши играчи“, рече Мурињо за 35-годишниот фудбалер.
„Тадиќ игра со умот, разбира сè во фудбалот. Којзнае, доколку сака еден ден да стане тренер, има големи предиспозиции за тоа. Тој е фундаментален за нас“, потенцираше Жозе Мурињо.