Тренерот Жозе Мурињо испрати порака дека би сакал да оди во клуб каде што би имал услови и поддршка како што имаат Јирген Клоп во Ливерпул или Пеп Гвардиола во Манчестер сити.
За две и пол сезони во Манчестер јунајтед, Мурињо ги освои Лигата на Европа и англискиот Лига куп, а го сменија во декември. Мурињо доби доста пари за засилувања, го купи Пол Погба, го доведе и скапиот Алексис Санчес, но тоа не беше доволно, резултати немаше.
„Видете го составот на Ливерпул, колку од овие играчи беа во клубот пред да дојде Клоп? Само неколкумина. Гвардиола не беше задоволен од бековите и ги купи тројцата што ги сакаше. Го донесе голманот Браво, па потоа и тој не му беше доволен, го купи Едерсон. Јирген три и пол години не освои ама баш ништо, а и понатаму ужива доверба и добива услови да продолжи понатаму“, рече Мурињо.