Ливерпул стана првиот тим кој успеал четирипати по ред да добие екипа која ја води Жозе Мурињо, а португалскиот менаџер како главни причини за поразот ги наведе повредата на Хари Кејн и лошите дефанзивни реакции на почетокот на второто полувреме.
„Почнавме многу добро, но пред да го дадеме голот од офсајд, имавме грешка во одбраната и Мане имаше шанса. Тоа најави што ќе се случува. Во првото полувреме бевме добро организирани, но примивме гол од грешка која ни се повтори. Потоа го загубивме Кејн, мораше да се смени структурата на тимот. Една минута подоцна, иста грешка и втор примен гол. Добро реагиравме, намаливме, но пак грешка и примен гол. Не можевме да се бориме против своите грешки“, изјави Мурињо, кој додаде дека Кејн има повреди на глуждовите на двете нозе.
Едната повреда била по фаул од Тијаго Алкантара и веројатно Кејн нема да игра неколку недели.
„Има играчи кои не можете да ги замените“, рече Мурињо во врска со Кејн.
Јирген Клоп беше среќен што вистинските играчи ги постигнале головите за Ливерпул и дека мечот бил многу интензивен.