Манчестер јунајтед како аутсајдер ќе патува во Ливерпул на дербито помеѓу двата најтрофејни клубови во Англија. „Црвените ѓаволи“ играат многу променливо и затоа се на шестото место, дури со 16 бода помалку од лидерот, а тоа е токму Ливерпул. Тимот од „Енфилд роуд“ е единствен без пораз во досегашниот дел од сезоната, факт кој дава надеж дека конечно навивачите на Ливерпул на крајот од сезоната ќе може да се израдуваат на титулата која ја чекаат три децении.
Тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо, најавува дека иако сигурно многумина ќе очекуваат гостите да играат дефанзивно и да се бранат, тоа нема да се случи.
„Ќе се обидеме, велам ќе се обидеме да победиме на гости кај Ливерпул. Секогаш се обидуваме да победиме. Знам дека играме против лидерот, но и покрај сите проблеми кои ги имаме, ние сме квалитетни и ќе се бориме да стигнеме до триумф“, најави Мурињо.
Гостите имаат многу проблеми со повредени играчи, па како неизвесни се: Марсијал, Шоу, Валенсија, Смолинг, Рохо и уште неколкумина кои не се во прв план.
Ливерпул дома прими само еден гол во седум средби и освои 19 од можните 21 бод. Манчестер на гости сезонава има по три победи и порази и две ремија.