Кремонезе имаше историски момент вчера откако славеше над Рома во меч од 24-тото коло во Серија А. За Кремонезе ова беше прв триумф сезонава, момент кој навивачите на овој клуб го чекаа дури 27 години.
Кремонезе поведе во првото полувреме, а интересно беше тоа што се случи на почетокот на вториот дел. Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, го доби третиот црвен картон сезонава. Мурињо е разочаран од одлуката да биде исклучен, па дури најави и правна разрешница.
„Јас сум емотивен, но не сум луд. За да реагирам вака, мора прво нешто да се случило. Ќе треба да видам дали можам да поднесам тужба. Судијата ми даде црвен картон затоа што, за жал, четвртиот судија нема капацитет да разбере што ми кажа. Би сакал да знам дали има аудиоснимки. Воопшто не сакам да обрнувам внимание на тоа дека Сера е од Торино, а во недела играме со Јувентус“, изјави Мурињо.
„За првпат во кариерата четвртиот судија ми зборуваше на ваков неверојатен начин. Беше неправедно. По натпреварот отидов да разговарам со нив. Пичини, кој беше четврти судија на последниот натпревар кога бев исклучен, ми рече да му се извинам на Сера. Му кажав на Сера дека треба да покаже храброст и да објасни што се случи, но се покажа дека има проблеми со меморијата“, додаде Мурињо во негов типичен стил.
Рома израмни на 1:1 во 71-вата минута, но само 12 минути подоцна, Кремонезе постигна и втор гол, што ја донесе толку очекуваната радост кај домаќините.
„Воопшто немавме среќа. Примивме два гола, а противникот имаше една и пол шанса. Сами сме виновни за поразот. Немавме доволно интензитет. Требаше да го добиеме овој дуел“, додаде Мурињо во изјавата за тоа што се случуваше на теренот.