Жозе Мурињо и Тотенхем се изборија за место во нокаут-фазата во Лигата на шампионите, па синоќешниот пораз од Баерн во Минхен не беше многу страшен. Португалскиот стратег дојде во Тотенхем кога екипата беше во криза и имаше слаби резултати.
Специјалниот полека се запознава со играчите и ги осознава нивните добри и лоши страни. Тој си даде рок до февруари за да може да ја има комплетната слика за тимот. Мурињо е подготвен и за Божиќниот фудбалски маратон, кој е стандарден во Англија.
„Знам дека сме земја која поминува низ луд фудбалски период за време на Божиќ. Тој период често остава трага на играчите. Очекувам до февруари одлично да се запознаам со сите играчи и тие да ја сфатат и да ја прифатат мојата филозофија. Верувам дека во февруари ќе бидеме многу опасни“, рече Мурињо.
Тотенхем моментно е на седмото место на табелата во Премиер лигата и главна цел на тимот ќе биде да се обиде да стигне до Топ 4 екипите, што носи излез во Лигата на шампионите за следната сезона.