Тотенхем не само што не го повтори ланскиот успех во Лигата на шампионите, кога играше во финалето, туку оваа сезона не успеа да ја помине и првата фаза од нокаут-системот. Лондонскиот тим немаше шанси во двомечот против Лајпциг и двапати загуби. На свој терен Тотенхем беше поразен со 0:1, а вечерва загуби со убедливи 3:0 во Германија.
Тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, веќе се навикна да биде елиминиран во осминафиналето од ЛШ. Ова е веќе шеста сезона во низа како тимот предводен од Мурињо испаѓа уште во првата фаза од елиминациите.
Последен пат Мурињо како тренер се радувал на победа во дуел од нокаут-фазата во април 2014 година. Тогаш како тренер на Челзи со 2:0 го победи ПСЖ и се пласираше во полуфиналето од ЛШ. Оттогаш, па досега тимовите на Мурињо немаат победа по завршување на групите.
Во последните осум меча од елиминациите, тимовите предводени од Мурињо имаат пет порази и три нерешени без победа. Факт е дека овојпат Мурињо со Тотенхем немаше среќа бидејќи Кејн и Сон, кои се најдобри играчи во екипата, не играа на двата дуели поради повреди.