Тотенхем ќе има тешка задача на утрешното гостување кај Лајпциг во реванш-дуелот од осминафиналето во ЛШ. Без главните играчи Хари Кејн и Сон Хеунг-мин не им оди на Петлите, а Жозе Мурињо дозна дека остана и без зимското засилување Стивен Бервхај, кој поради повреда најверојатно ќе го пропушти остатокот од сезоната.
Во пресрет на мечот, Мурињо на прес-конференцијата даде ветување кое ќе мора да го исполни додека му трае договорот, односно до јуни 2023 година.
„Тотенхем нема да биде единствениот клуб кој сум го водел, а не сум освоил ништо со него. Во секој клуб каде што работев освојував трофеи, верувам дека ќе го остварам тоа и со Тотенхем“, истакна Мурињо.
За потсетување, Мурињо брои вкупно 25 трофеи како предводник на Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, а најмногу од нив (осум) освои со тимот од „Стемфорд бриџ“.