Жозе Мурињо е горд на своите фудбалери, но е разочаран затоа што Рома не ги освои трите бода во дербито против Милан, кое заврши 1:1. Интересно е дека дуелот на „Олимпико“ највозбудлив беше во судиското надополнување кога беа постигнати двата погодоци. Рома поведе со голот на Абрахам во 93 минута, а Милан се спаси од пораз со гол во 97 минута.
„Мислам дека резултатот не е фер кон нас. Само ние можеме да одиграме вака против тим како Милан со оглед на проблемите кои ги имаме. Не сме богата екипа, немаме широк избор на играчи, па затоа секогаш е голем проблем кога ќе загубиме некој фудбалер, а денеска загубивме повеќемина. И покрај сите овие потешкотии, неверојатно е дека се бориме со Милан за четвртото место. Тажен сум затоа што можевме да освоиме три бода, но многу повеќе сум горд отколку што сум тажен“, рече Мурињо.
Поради повреди, дуелот со Милан предвреме мораа да го завршат дефанзивецот Кумбуле и напаѓачот Белоти. По повредата на Кумбуле, Мурињо беше приморан да го повлече Немања Матиќ на стоперската позиција, но и Сребинот нема да може да игра на следниот дуел поради суспензија поради жолти картони. Затоа, Мурињо на шега вели дека размислива да повика фудбалерка од женскиот тим на Рома.
„Нашата женска екипа го освои Скудетото. Имаат многу добра фудбалерка на стоперската позиција, играше за Баерн, па можеби може и за нас да игра“, на шега рече Мурињо, мислејќи на Австријката Карина Венингер која во Рома игра како позајмена од Баерн Минхен.