Ѕвездата на Баерн Минхен, Џамал Мусијала, потврди дека води преговори со клубот за нов договор. Германскиот репрезентативец постигна хет-трик при победата од 0-4 против Мајнц во Купот на Германија и по натпреварот изјави дека е многу среќен во Минхен.
„Можам да си замислам дека наскоро ќе потпишам нов договор со Баерн. Водиме преговори. Среќен сум и уживам во времето поминато овде“, изјави Мусијала за „Скај Германија.“
Раководството на баварскиот клуб веќе подолго време преговара со Мусијала. Се очекува офанзивниот играч за врска да потпише договор до летото 2030 година.
Во моментов неговата плата е 9 милиони евра по сезона, а според новиот договор, Мусијала ќе биде меѓу најплатените фудбалери во клубот со бруто-примања од 25 милиони евра.