Од петти мај до четврти јуни муслиманските верници го прославуваат месецот на Рамазан и според нивната вера, додека има сонце, не смеат да јадат. Тој строг пост е проблематичен за професионални спортисти.
Мароканецот Нусер Мазрауи од Ајакс кажа дека и в среда, кога тимот од Амстердам игра со Тотенхем, нема да јаде и пие додека не се стемни. Сонцето во Холандија ќе зајде во 21.17 часот.
„Нема да имам проблем да играм. Можеби е проблем, но тоа е мој избор. Ќе играме од 21 часот, а 15-тина минути подоцна ќе одам покрај аут-линијата за да се напијам вода, ако имам потреба и жед“, рече Мазрауи.
Тимскиот лекар на Ајакс смета дека со постот се зголемува ризикот за здравствени проблеми бидејќи оптоварувањето на мускулите е големо. Муслимани во редовите на Ајакс се и Хаким Зијеш и Закарија Лабијад.