Муслиу непоколеблив по ремито со Белгија: „Сите дадовме максимум, сега одиме на победа против Казахстан“

Македонскиот репрезентативец Висар Муслиу одигра клучна улога во одбраната на националниот тим во ремито 1-1 против Белгија, во третиот меч од квалификациите за Светското првенство 2026. Искусниот стопер блескаше со неколку важни интервенции против светските ѕвезди во белгискиот тим, придонесувајќи за еден од најдобрите дефанзивни настапи на Македонија во последниот период.

По завршување на натпреварот, Муслиу не ја криеше гордоста од прикажаната игра, посебно истакнувајќи го колективниот дух и пожртвуваноста на соиграчите.

„Свесни бевме против кого играме – Белгија има голем број играчи од највисоко ниво, но колективно, како тим, одлично го одигравме дефанзивниот дел. Сите дадовме максимум, а и голманот Димитриевски неколку пати маестрално интервенираше. Мислам дека резултатот е реален, иако со играта во второто полувреме можеби можевме и повеќе.“

Македонската репрезентација попладнево патува за Казахстан, каде што во понеделник ја очекува четвртиот меч од квалификациите. Тренингот е закажан за недела, а целта е јасна – продолжување на позитивната серија и нови бодови во борбата за пласман на Мундијалот.

„Нашата цел е јасна – продолжуваме понатаму и веќе се фокусираме на дуелот со Казахстан. Одиме да победиме“, потенцираше Муслиу.

Македонија моментално има солидна позиција во групата, а евентуална победа во Казахстан може да биде клучна за одржување на конкурентноста во битката за едно од првите две места.

- Оглас -

Најнови вести