Македонија има голема шанса повторно да има свој претставник во главната АБА лига, бидејќи словенечкиот тим Приморска не доби лиценца од словенечката лига и ќе биде преселен во четврта лига, и ако клубот од Копер не даде финансиски гаранции до 1 јули, нивното место ќе му биде доделено на МЗТ Скопје Аеродром.
Според некои најави на црногорските медиуми, влезот на МЗТ на местото на Приморска е речиси готова работа, но нашата земја би останала без свој тим во втората АБА лига, бидејќи Работнички ја одбил понудата. Имаше шпекулации дека Гостивар е заинтересиран, но таму проблемот е со салата, па ако МЗТ влезе во елитното регионално друштво, веројатно Македонија во следната сезона останува без тим во АБА 2, иако имавме право на две места.
Во АБА 2 би играле по четири тима од Србија (Слобода Ужице, Златибор, Нови Пазар и Младост Земун) и Црна Гора (Сутјеска, Ловќен, Подгорица и Студентски центар), два од БиХ (Широки бријег и Спарс), и по еден од Словенија (Хелиос санс) и Хрватска (Горица).
Понуди за играње во АБА 2 добиле и Работнички, Осиек и Рогашка, но не изразиле интерес за настап.