МЗТ Скопје Аеродром славеше на гостувањето во Тиват против Теодо со 70:65, во меч од петтото коло во кошаркарската АБА 2 лига. Оваа победа на аеродромци е Пирова затоа што уште пред да започне овој меч, ги загубија шансите да бидат меѓу првите две екипи на табелата бидејќи Цедевита победи на гостувањето кај Хелиос Домжале со 80:78.
По пет кола, Цедевита и Хелиос Домжале имаат по четири победи и само еден пораз, МЗТ Скопје Аеродром е трет со две победи и три порази и Теодо е последен со пет порази.
Фуриозно започна МЗТ и поведе со 17:0, а пред крајот од првата четвртина водеше и со 30:5. Сепак, Теодо не се предаде и во втората четвртина намали на шест разлика (41:35). Речиси во целата трета четвртина МЗТ имаше двоцифрена предност, а на почетокот од последната четвртина беше 55:46 за македонскиот првак.
Тогаш домашниот тим со серија од 11:1 за првпат стигна и до водство од 57:56 во 36-тата минута и најави неизвесна завршница, во која на крајот сепак МЗТ Скопје Аеродром не дозволи да направи кикс, стигна до втората победа сезонава, која на крајот се покажа како Пирова.