МЗТ доведе Американец кој лани имаше потпишано договор со Орландо меџик

Американецот Хасани Гравет е нов играч на МЗТ Скопје Аеродром, соопштија од таборот на македонскиот кошаркарски првак. Гравет, кој игра како плејмејкер, потпиша едногодишен договор.

Се работи за 24-годишен кошаркар кој е висок 188 сантиметри, кој според пишувањата, минатото лето потпишал договор со НБА-екипата на Орландо меџик, но сепак не заиграл во најсилната лига во светот. Гравет бил префрлен во филијалата на овој тим во Џи-лигата, Лејкленд меџик.

Во втората по квалитет професионална лига во САД, Гравет просечно реализираше 11,7 поени со 4,1 скок и 3,4 асистенции. Претходно, универзитетската кариера ја почнува во Пенсакола стејт, од каде што по една година преминува во Јужна Каролина, со која веќе во првата сезона доаѓа до фајналфор-турнирот во престижната НЦАА-лига. Негови главни оружја се брзината, агресивноста, одличниот преглед на играта и шутот за три поени.

Гравет е второто странско засилување за МЗТ во пресрет на новата сезона, откако претходно договорот го продолжи Феми Олуџоби.

Тренерот на металците Ѓорѓи Кочов во моментов на располагање има и шестмина македонски репрезентативци, и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.

- Оглас -

Најнови вести