МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 18 часот го брани второто место во АБА 2 лигата со меч на домашен терен против црногорскиот претставник Сутјеска. МЗТ на гостувањето во Никшиќ на 31 октомври, загуби со 70-85, па ова е шанса за реванш. Штрковите имаат четири порази сезонава во регионалната лига, но дома не знаат за пораз.
Публиката во „Јане Сандански“ има уште еден мотив да се најде на трибините, а тоа е да го „поздрави“ плејмејкерот Никола Павличевиќ кој беше избркан од МЗТ поради негово неспортско однесување кон фановите.
„Во дуелот влегуваме без калкулации. Мора да го одбраниме домашниот терен каде сезонава сме без пораз. Ја респектираме Сутјеска, но моите играчи се свесни за значењето на овој меч. Поддршката од трибините ќе ни биде добредојдена. Сигурен сум дека ќе се води борба во сите 40 минути“ најавува тренерот Ѓорѓи Кочов.
Сутјеска има два порази по ред и веќе не е на местата кои водат во плејофот, но и МЗТ загуби во минатото коло, па добро би било македонскиот првак да се врати на победничките патеки.