Екипата на МЗТ Скопје Аеродром од 18 часот го пречекува словенечкиот тим Сикст Приморска во големото дерби на Втората јадранска лига и победата на „штрковите“ би била значајна повеќе од само два бода.
МЗТ е ослабен, првпат сезонава ќе игра без својот главен плејмејкер Лестер Медфорд и ова е шанса за Андреј Магдевски, потпомогнат од Дарко Соколов, ако треба и некој трет кошаркар во организацијата на нападите. И на центарската позиција МЗТ има помала ротација, го нема Љубомир Младеновски, а повреден е и крилниот центар Андреј Маслинко.
На сите овие проблеми им се приклучува и силата на противникот, Приморска е лидер само со еден пораз во 13 кола. Но, „факторот Јане Сандански“ е на страната на домашните. МЗТ нема пораз дома, а слободниот влез може да придонесе за повеќе публика на трибините и поголема поддршка од вообичаеното.
„Приморска е најдобриот тим во Лигата, бројот на бодови кој го имаат кажува за нивната сила. Ние сме во тешка ситуација, имаме повредени играчи, но ќе се бориме и ќе мора да одиграме најдобро што знаеме ако сакаме да победиме“, вели Џејмс Вудард, кој исто така ќе мора да има натпросечна игра.
Во тимот на тренерот Јурица Големац игра Иван Маринковиќ, поранешниот центар на МЗТ, а во составот ги имаат и Шишко и Вончина, кои лани беа во Илирија заедно со Младеновски. МЗТ загуби добиен меч на гостувањето кај Приморска пред неколлку месеци и ова е шанса за реванш.