Со дуелот од 17 часот против Спарс во Сараево, за МЗТ Скопје Аеродром почнува многу важната серија од три гостувања по ред во регионалната втора АБА-лига. Македонскиот тим и Спарс имаат по 7-3 и победникот ќе биде осамен на второто место на табелата, зад непоразената Сикст Приморска, која во полусезоната ги совлада сите 11 противници.
„Мамузите“ од БиХ се млад, но амбициозен клуб. Нивни најпознати играчи се Адин Врабац, Ловро Мазалин и двајца кошаркари кои имаат настапувано во Македонија, Немања Протиќ и Драшко Албијаниќ. Српскиот плејмејкер Протиќ пред три сезони му донесе титула на МЗТ со клучна тројка на гостувањето во Куманово, во оној меч кој се доигра без публика.
МЗТ е најефикасен тим во Лигата и нападот треба да биде најсилното оружје. Проблем за тренерот Ѓорѓи Кочов е што против Спарс нема да играат повредените репрезентативци Љубомир Младеновски, Дарко Соколов и Марко Симоновски.
Лестер Медфорд, кој е организатор на играта на „штрковите“, вели дека и некомплетен, МЗТ ќе оди на победа.
„Спарс со игрите покажа дека е противник кој мора да биде сфатен сериозно. Располагаат со одличен квалитет, а доволен показател за нивната сила е пласманот на табелата. Ние мора да дадеме максимум, да бидеме агресивни и да пробаме да го изненадиме домаќинот, без разлика што ќе бидеме ослабени“, вели Американецот.