Враќањето на Љубомир Младеновски е добрата, а отсуството на Андреј Маслинко е лошата вест за МЗТ Скопје Аеродром пред денешното гостување од 19 часот кај Хелиос санс во Домжале. Покрај Маслинко, кој поради повреда на глуждот не е во Словенија, нема да играат и Симоновски и Соколов, а прашање е и повратникот Младеновски колку може да помогне откако закрепна од повредата на раката.
МЗТ со победа ќе го задржи второто место. За „штрковите“ ова е второ во серијата од три гостувања по ред во втората АБА-лига.
„Нѐ очекува незгоден дуел против екипа која игра одлично во последно време, за што е доказ и нивната неодамнешна победа во пресметката со АБА-лигашот Унион Олимпија во словенечкото првенство. Тоа се должи, пред сѐ, на нивното последно засилување Блаж Махкович, што им дава многу повеќе опции како во нападот така и во одбраната. Ние, пак, во натпреварот влегуваме значително ослабени и со скусена ротација. Но, повторно верувам дека останатите кошаркари во тимот ќе дадат дури и повеќе од својот максимум и дека ќе успееме да славиме во Домжале“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.
МЗТ е второпласиран на табелата во регионалното натпреварување со скор 8-3, додека Хелиос е претпоследен со учинок 4-7. Првиот дуел во Скопје во септември заврши со убедлив триумф на македонскиот тим од 92-79. Но, Словенците се засилија во меѓувреме и дома имаат само еден пораз во АБА 2.