Финалната серија помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички од плејофот во македонското кошаркарско првенство наместо утре, ќе стартува задутре. Ова е одлучено на денешниот состанок на претставниците на клубовите со луѓето од Министерството за внатрешни работи.
МВР утре ќе има доста работа околу обезбедувањето на фудбалскиот меч Македонија – Полска, а и на екипите, особено на Работнички, добро ќе им дојде уште еден ден плус за одмор и подготовка за напорите кои следуваат во финалната серија која ќе се игра до три победи.
Ова значи дека првиот меч се игра на 8 јуни во „Јане Сандански“, вториот на 11 во „Борис Трајковски“, а третиот на 13 јуни, повторно во Аеродром. Доколку има потреба, четвртиот дуел би бил на 15 јуни и домаќин ќе биде Работнички, а евентуалната мајсторка на 17 јуни, со МЗТ во улога на домаќин. Ова значи дека најмалку за 7 и најмногу до 11 дена од денеска ќе се знае кој ќе биде првак за сезоната 2018/19.