МЗТ ќе менува во делот на странците

Паузата од речиси три недели во АБА 2 и домашното првенство е одлична можност за управата и стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром да направат рекапитулација на тоа што досега е сработено, како и анализа на учинокот на секој кошаркар поединечно во пресрет на најважниот дел од сезоната во кој всушност ќе се решаваат сите дилеми.

МЗТ е лидер во Првата лига, втор е во регионалното натпреварување со речиси сигурен пласман во плејофот, но простор за напредок има, поради што челните луѓе на клубот размислуваат следниот период да го искористат за дополнително подобрување на ростерот.

„Резултатски не можам да бидам незадоволен од тоа што досега е направено, но нормално е секогаш да се цели кон нешто уште подобро. Првичните замисли ни беа да атакуваме на двата домашни трофеи како и најмалку на пласман во плејофот во АБА 2, но подготвени сме да сториме сѐ што е во наша моќ да го дооформиме тимот со кој би дошле до финалето, а таму нека победи подобриот. Не е тајна дека не сме задоволни од учинокот на дел од странските засилувања и во следниот период дефинитивно ќе направиме реконструкции во тој дел. Активни сме на пазарот барајќи поквалитетни дополнувања, иако немаме премногу време бидејќи преодниот рок во АБА завршува в сабота. Промени сигурно ќе има“, вели извршниот директор на МЗТ, Тони Грнчаров.

- Оглас -

Најнови вести