5.8 C
Skopje
понеделник, 16 февруари 2026

МЗТ мора да плови кон Јадранот, Охрид е сила во Европа, Дарио на пат кон Лос Анџелес

Викендов кој е зад нас беше доста богат со настани кои ја преокупираа македонската спортска јавност во повеќе спортови.

Во полната сала во Куманово се одржа завршницата на Кошаркарскиот куп на Македонија, а пехарот четврта година по ред го освојува МЗТ Скопје Аеродром, кој е неприкосновен владетел на макбаскетот во последните години.

Штрковите ја уништија конкуренцијата, исто како и лани во Купот, со просек на победи од околу 25 поени разлика. Најверојатно ќе освојат титула и во првенството, дома се доминантни, но не треба да се задоволуваат само со тоа, она што го посакуваат многу фанови е клубот да направи исчекор и кон надвор.

Просечните резултати во АБА 2 не треба и не смее да задоволуваат, најдобриот македонски тим треба да се стреми кон главната АБА-лига и пак да има дуели со најсилните екипи од регионот, без разлика колку тоа ќе чини.

ГРК Охрид гази на европска сцена, оди по стапките на Алкалоид. Победата од 9 гола разлика на првиот осминафинален дуел против Дукла Прага ги доближи на чекор од четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп. Лани ова натпреварување го освои Алкалоид, сега амбициозните охриѓани се во тесниот круг на фаворити и Македонија потврдува дека е земја во која се игра добар ракомет.

Атлетичарот Дарио Ивановски со одличното издание на маратонот во Севилја ја потврди својата класа и ако продолжи вака, а нема зошто да не биде така, на добар пат е да обезбеди место и на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година. Дарио е спортист за пример, кога би имале повеќе како него, сигурно би се гордееле и како атлетска нација.

Што се однесува до фудбалот, ги добивме ривалите во Лигата на нациите, а како што тргнало, изгледа ќе добиеме и нов првак во Првата лига.

Гоце Седлоски е во фокусот. Како селектор, не мисли дека сме аутсајдери против Швајцарија, Шкотска и Словенија, амбицијата ќе биде да се остане во Лига Б. Како тренер на Вардар, Седлоски маршира кон титула. Вардарци сега имаат шест бода предност пред Шкендија и седум пред Струга, посакувана ситуација ако се знае дека уште немаат пораз, а со тетовци ќе треба да играат дома.

- Оглас -

Најнови вести