Екипата на МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2-0 во финалето против вечниот ривал Работнички и дојде на еден чекор од седмата титула.
Вториот меч од финалето донесе многу поголема неизвесност и борба, а заврши со триумф на „металците“ од 69-60. Третиот и можеби последен дуел се игра в четврток, во „Јане Сандански“.
Исто како и на првиот дуел од оваа финална серија, Работнички подобро отвори, создаде двоцифрена и ја доби првата четвртина, но на „бело-црвените“ им се случи уште еден малер, а тоа е повредата на Димитар Караџовски, кој го свитка глуждот уште во првата минута од средбата. Тренерот Докузовски беше принуден да им даде поголема шанса на Младеновиќ и Ефремовски, а тие ја оправдаа укажаната доверба.
Работнички во првото полувреме даде девет тројки и тоа му донесе предност од 38-32. МЗТ имаше проблем со реализацијата во првото полувреме, ниту еден играч не даде повеќе од шест поени, а во шутот за три поени, „сино-белите“ имаа само две реализации од 12 обиди.
Домашните имаа константно водство и во третиот период, МЗТ во неколку наврати имаше прилика да поведе, но за „металците“ кошевите како да имаа капак и никако не успеваа да погодат.
Тесниот резултат придонесе да се разгори атмосферата на трибините, каде што двата тима имаа навивачи.
Првото водство на МЗТ дојде на пет минути до крајот, кога Стајиќ од Работнички ја направи петтата лична. Серијата ид 12-0 по која МЗТ од минус 50-54 дојде на плус од 62-54, се покажа како решавачка.
Дамјан Стојановски со 16 поени беше прв стрелец во победничкиот тим, а десет даде Иве Иванов.