Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер денес (19 часот) ќе се судрат во воведниот дуел од финалната серија во македонскиот кошаркарски шампионат.
Штрковите како актуелни прваци и домаќини во првата средба ја присвоија фаворитската улога, која им предвидува деветта титула во историјата, односно се надеваат дека ќе им биде трета во низа.
Пелистер пак, дебитира во битката за трофејот, но тренерот Марјан Илиевски располага со неколку искусни играчи како Трајковски, Младеновски, Стајиќ и Ѓуровски, кои токму МЗТ веќе биле национални шампиони, како и Караџовски кој беше првак со Работнички во 2018 година.
Овосезонските меѓусебен биланс е во корист на тимот од Аеродром со 3-2 во победи. Четири од петте натпревари се одиграа во домашното првенство каде се издвојуваа по две победи, а се памети и мечот во рамките од АБА2-лигата кој исто така припадна на МЗТ.
Меѓусебни дуели сезона 2021/22:
03.10.2021 Пелистер – МЗТ 82:79
10.11.2021 МЗТ – Пелистер 80:64 (АБА2)
27.12.2021 МЗТ – Пелистер 78:93
05.05.2022 МЗТ – Пелистер 95:76
22.05.2022 Пелистер – МЗТ 79:88
Шампионот на Македонија ќе се знае откако еден од финалистите прв ќе избори три победи во серијата.