МЗТ не успеа, Македонија повторно ќе нема свој тим во АБА лигата

Задар го победи МЗТ Скопје Аеродром со 86-75 во третиот одлучувачки меч за пополнување на АБА лигата. Така, Македонија и во следната сезона нема да има свој претставник во регионалното друштво, освен ако во текот на летово не се случи проширување на лигата со кое место би имал и нашиот тим, доколку биде поканет.

МЗТ добро се држеше во првата половина од воведната четвртина, но во периодот од седма до десетта минута, „металците“ не дадоа кош, и Задар со серија од 12-0 ја презеде контролата. Задраните во првата четвртина делуваа мотивирано и дадоа 29 поени, па затоа и водеа со двоцифрена разлика.

Тројките го одржуваа МЗТ во живот, па македонскиот тим намали на 29-35, но одбраната не беше како што посакуваа, па Задар на пауза замина со предност од 50-40. Аеродромци заиграа одбрана и ја добија третата четвртина, дојдоа на само еден поен негатива, 62-63, пред Мариќ да погоди тројка за плус четири на стартот на одлучувачките десет минути.

На шест минути до крајот, по серијата од 6-0, МЗТ изедначи на 68-68. После 70-70, Задар одговори со клучни осум поени по ред за 78-70 на 2,25 минути до крајот. Во овој период Задар го употреби рецептот како во „Јане Сандански“, со висока петорка против ниските „металци“, и тоа повторно им донесе резултат.

Неиграњето на Бојиќ кој сезонава е прв стрелец на МЗТ, отвори простор за Маслинко, кој играше повеќе отколку што би играл ако Србинот не беше повреден. Иванов и Медфорд со по 22 поени, беа најефикасни кај МЗТ. Македонскиот тим беше натскокан и имаше полоша реализација за два поени, па не можеше да го искористи фактот што Задар имаше 20 загубени топки.

- Оглас -

Најнови вести