Доколку сака титула во втората АБА-лига, екипата на МЗТ Скопје Аеродром мора да победи во словенечкиот приморски град Копер и вечерва од 20 часот ја има втората шанса, откако првата ја пропушти синоќа.
Приморска беше многу поуспешна и славеше со 93-71, но кош-разликата не е важна и сеедно е дали сте победиле со еден или 50 поени разлика, секој меч во финалната серија е посебна приказна за себе. Се игра во три добиени, а по вечерашниот дуел, в четврток, можеби и петок ќе се игра во Скопје. Време за жалење по поразот нема, тоа треба да се стави во историјата, новиот меч стартува од 0-0 и пред МЗТ е обид да докаже дека не е толку послаб од противникот како што покажа синоќешниот меч.
„Уште ништо не е одлучено во ова финале. Вечерва од 20 часот на истото место нè чека нов натпревар и ние ќе се обидеме да го добиеме мечот против Приморска“, вели центарот Љубомир Младеновски.