Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје, и по 14 првенствени кола останува непоразен, барем што се однесува на терен, иако имаат еден службен пораз од екипата на Ангели.
Токму Ангели беше противник на МЗТ Скопје, а „штрковите“ немаа милост и го победија „фенерџијата“ со убедливи 95-74 во СЦ „Јане Сандански“. Екипата од скопски Аеродром доминираше во текот на целиот меч, а избраниците на тренерот Атанасов се опуштија само во последниот период, кој им припадна на гостите.
За потсетување, мечот помеѓу овие две екипи од третото коло во салата во скопска Кисела Вода заврши со победа на МЗТ Скопје од 55-78, но потоа службено им припадна на кошаркарите на Ангели со 20-0 поради настап на играч кој не беше заведен во официјалниот записник. Воедно, ова е и единствената победа за Ангели оваа сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија.
На останатите натпревари кои се одиграа денес, Феникс со минимални 86-84 славеше над Куманово на домашен терен, Тиквеш со 85-74 триумфираше над Работнички, додека Кожуф беше убедлив на гостувањето кај Гостивар со 57-73.

