Евентуалното враќање на МЗТ Скопје Аеродром во главната АБА-лига ќе биде тешка мисија откако македонскиот вицепрвак загуби од Сутјеска со 91-79 во претпоследното коло од регуларната сезона. Во наредната рунда, МЗТ во неважен меч го пречекува Спарс, но како генерална проба пред дуелите со тој тим во полуфиналето на плејофот.
Вечерва најефикасен кај црногорскиот тим беше некогашниот плејмејкер на МЗТ, Никола Павличевиќ. Тој даде 28 поени за 25 минути игра. Кај МЗТ не играше Симоновски, тимот потфрли во шутевите за еден и три поени, а двоцифрени беа Вудард (17 поени), Бојиќ (18) и Соколов (10).
Сараевски Спарс го обезбеди второто место и ќе ја има предноста на домашниот терен во полуфиналето. МЗТ за да влезе во АБА, ќе мора прво во полуфиналето да слави во Сараево (МЗТ пред неколку месеци успеа да победи на лигашкото гостување во Сараево), а ако успее, што нема да биде воопшто лесно, во финалето ќе мора да победи и против силниот Сикст Приморска во Копер. Ако загуби финале во АБА 2, МЗТ ќе игра бараж со претпоследниот од главната АБА, а и таму е многу веројатно да има словенечки ривал против кој ќе мора да победи на гостински терен, без да загуби дома.