МЗТ од Копер ја започнува мисијата „Камбек во АБА“

МЗТ Скопје Аеродром е на прагот да се врати во јадранската елита по една сезона пауза, но за тоа ќе треба да се совлада Приморска во финалната серија од АБА2 лигата. „Штрковите“ денес ја започнуваат таа мисија, а првите два меча против лидерот од регуларниот дел ќе се играат во Копер (првиот меч се игра денес во 18 часот), пред серијата да се пресели во Скопје.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов претходно ги загубија двата дуели против словенечкиот тим, во СЦ „Јане Сандански“ поразот беше болен со минимални 77:78, додека во арената „Бонифика“, Аеродромци испуштија триумф во регуларниот дел и не издржаа во дополнителниот период, па загубија со 91:84. Сепак, тоа не значи дека шесткратниот македонски првак ќе се предаде без борба, напротив, на Кочов му одговара фаворитската улога да биде на страната на Приморска, така притисокот ќе биде врз нив.

„Во регуларниот дел од сезоната одигравме 22 меча и ако се додадат двата полуфинални дуели со Спарс, можеме да бидеме задоволни со пласманот во големото финале. Но, тоа никако не значи дека нашите амбиции ќе завршат тука, иако играме против екстра квалитетен тим како што е Приморска. Тие сигурно поседуваат квалитет да играат во АБА-лигата, доказ за тоа е нивниот биланс во домашното првенство против Крка и Олимпија. Кого и да прашате од тие што барем малку следат кошарка, ќе ви кажат дека Приморска е фаворит, како што беше и лани, но тогаш несреќно го загубија финалето од Крка. За разлика од минатата сезона, сега имаат посилен ростер“, вели Кочов.

МЗТ од 27 март го започна пеколниот распоред во кој треба да одиграат 10 натпревари за 18 дена, два веќе ги одиграа против Пелистер и Фени во домашното првенство, а до 8 април можно е да настапат на пет меча доколку финалната серија се одлучува во мајсторка, па потоа на 12 април да се појават на завршницата од Купот на Македонија, каде што прв противник ќе им биде тимот на Кожув.

Иако се чувствува заморот, Кочов верува во своите кошаркари дека ќе го дадат и последниот атом од нивната сила за да ја остварат зацртаната цел.

„За нас ова финале е од огромно значење и е шанса за валоризација на сè што градевме во текот на целата сезона, а тоа е влез во елитното јадранско друштво. Нема нималку да ни биде лесно, не ни треба да биде бидејќи сепак ова е финале. И покрај заморот, верувам дека моите играчи ќе го дадат и последниот атом од нивната сила за да ја оствариме целта. Сигурен сум дека ќе бидеме подготвени за максимаклна борба во текот на сите 40 минути. Добро го познаваме противникот и се надевам дека овојпат ние ќе бидеме на победничката страна“, додаде Кочов.

МЗТ вчера се привикнуваше на условите во салата „Бонифика“, каде што ги одржа последните подготовки во пресрет на премиерниот финален натпревар. Веднаш по денешниот дуел, утре од 20 часот е закажана втората пресметка, а потоа серијата се сели во Скопје, каде што на 4 април од 18 часот ќе се одигра третиот меч.

 

 

- Оглас -

Најнови вести