Вечните кошаркарски ривали МЗТ Скопје и Работнички, ја продолжуваат расправијата преку соопштенија на дневна база. Двата најуспешни наши колективи со доста различни ставови и остри критики се препукуваат, а тимот од Аеродром денес одговори на прозивката наменета кон оперативецот Тони Грнчаров од страна на екипата од „Градски парк“.
Соопштението на МЗТ Скопје го пренесуваме во целост:
„Господа“ од Работнички, добро е што конечно ги извадивте на површина сите внатрешни фрустрации. И што покажавте колку ве боли тоа што сме први на табелата. Колку ве боли што ве растуривме среде вашиот средновековен „Градски парк“. Колку ве боли што освоивме седум титули во последните осум години. Колку ве боли што сме синоним за македонската клупска кошарка во Европа. И колку ве боли што функционираме како што треба да функционира секој голем клуб, додека кај вас постои само еден човек, кој ги влече сите конци, па дури и гласа на официјални состаноци без да има формална функција во клубот.
Вие сте убедливо најнеспособната управа во историјата на вашиот клуб. Вашето владение ќе остане запаметено по судски спорови, константни долгови, немање желба да се мрдне „погоре“ од Куманово, како и по енормно високите плати за играње домашна лига и тоа без речиси никакви успеси. А, вашите поранешни, сегашни и идни навивачи навек ќе ви судат за најсрамната изјава во историјата на клубот: „Не сакаме да доиграме бидејќи немаме ДОВОЛЕН БРОЈ МАКЕДОНСКИ ИГРАЧИ“.
Зарем не ви беше срам да кажете нешто такво, а до неодамна тврдевте дека сте расадник на таленти, додека ние сме „Легија на странци“. А, сега, кога ние ви фрламе „ракавица в лице“, немате капацитет да соберете ниту десет домашни кошаркари. Па во Македонија се дозволени само четворица странци, а не 10 или 12, па во тоа да си барате оправдување за одбивањето на нашиот предлог за доигрување.
Смешни се и вашите прашања поврзани со пандемијата и нашето барање за рестартирање на Првата лига. Сите нејаснотии и „демек аргументи“ кои ги наметнувате, паѓаат во вода во моментот кога ќе се укине вонредната состојба и ќе се олабават мерките за заштита. Веќе има најава дека екипните спортови во сала би можеле да продолжат со тренинзи за една или две недели, што остава сосема доволен простор за реализација на нашиот предлог. Но, вие само барате оправдување во коронавирусот и демек грижата за здравјето (како ние да ја немаме), кога самите си ја кажавте маката – спаднавте на дереџе да немате македонски кошаркари колку што има прсти на раката.
Наводите за написи на социјални мрежи не ги коментираме, ние сме сериозен клуб и користиме официјални канали за комуникација со јавноста. За нас валидно е тоа што е објавено на официјалниот интернет-сајт, што истовремено како документ на меморандум со потпис и печат е пратено до медиумите и засегнатите странки. А, за вас, анонимните коментари на некоја од големиот број фејсбук-страници со името на вашиот клуб, се врвот на комуникацијата со јавноста, нешто што не само што не е познато, туку е и забрането во најсилните европски натпреварувања. Ама, пак, од каде би го знаеле вие тоа, кога за вас и Врање е далечна дестинација.
На крајот, искрено се прашуваме зошто и воопшто реагирате. Не сте споменати во ниту едно наше соопштение. Или си ја имате мувата на капата, па ја ишкате. Нашата дебата, па и војна е со КФМ и Перо Антиќ, а вие сте само тим што е позади нас на табелата без шанси да добие нешто, па дури и во матно, на што во минатото бевте навикнати. А, разликата помеѓу нашите клуба е две победи, а не една како што пишувате, што заедно со подобриот однос во меѓусебната пресметка, носи своевидни „плус три“ за нас. Очигледно, математиката ви е слаба страна. Но и за тоа треба мозок.
Ние ниту плачеме, ниту жалиме. Го бараме само тоа што сме го заслужиле на паркет, бидејќи не сме ние виновни што првенството е прекинато во момент кога ние сме тие што се убедливо први. А вие, за жал, не барате нешто за себе, туку барате „на соседот да му пцовиса кравата“. Се водите со тезата „кога не можеме ние, бидејќи не сме доволно добри, тогаш не смее никој друг да биде“,
Но, не сте вие виновни за сето ова, туку за тоа е виновен МЗТ Скопје Аеродром. Виновни сме зашто пред неколку години инсистиравме да не бидете преселени во најнизок ранг кога направивте циркус со напуштање на паркетот за време на вечното дерби. Зашто замижувавме на едно око кога изминативе неколку сезони се бараа компромиси за да може да играте во монтажниот објект стар 50 години, во кој дури и водата и тоалетите се луксуз. Го правевме тоа зашто знаевме дека нема македонска кошарка без вечно дерби.
А вие, како и секогаш претходно, на работите гледате себично и егоистично, па од дрвата не ја гледате шумата. И затоа, ќе останете мали и затворени во својот „храм“, а ние ќе продолжиме да се надградуваме, па тоа што сега ни е одземено, ќе си го вратиме на уште поубедлив начин следната сезона.“