Средбата со словенечки Хелиос санс, вечерва од 19 часот во „Јане Сандански“, ќе биде прилика за МЗТ Скопје Аеродром на своите навивачи да им покаже со какви играчи ќе се бори за висок пласман во втората АБА-лига и за титулата во домашната лига.
Публиката добро ги знае македонските членови на МЗТ, како и Андрија Бојиќ, но ќе има прилика да види какви странски засилувања се донесени. Лестер Медфорд, Иве Иванов и Џејмс Вудард за првпат ќе го носат сино-белиот дрес на еден официјален меч. Од македонските принови, дебито ќе го има Андреј Магдевски.
„МЗТ е голем клуб и среќен сум што сум тука. Нема голема разлика помеѓу хрватската и македонската лига. Ќе играме во втората АБА, воопшто нема да ни биде лесно, има силни екипи, добри играчи“, вели искусниот крилен центар, Хрватот Иванов.
Американците Медфорд и Вудард се бекови, и минутажата ќе ја делат со Дарко Соколов и Андреј Магдевски.
„Хелиос е добра екипа, тежок противник кој сака да игра агресивна одбрана. Сепак, мислам дека исходот зависи само од нас. Доколку дадеме максимум, ќе ја оствариме целта, а тоа е почеток на сезоната со победа“, најавува тренерот Ѓорѓи Кочов.
Хелиос санс од Домжале е нов тим во друштвото на АБА 2, а најпознати имиња во составот на тренерот Јован Беадер се Ѓоко Шалиќ, кој дојде од Партизан, и Мирослав Пашајлиќ, кој од 2015 до 2017 беше член на Игокеа.
Билетите се по цена од 50 денари. Еден од тројцата судии на средбата ќе биде македонскиот арбитер Александар Милојевиќ.