Најдобриот македонски кошаркарски колектив, екипата на МЗТ Скопје, против Сутјеска од 18:00 часот го започнува процесот наречен камбек во АБА 1 лигата.
На турнирот којшто се одржува во „Јане Сандански“ во Аеродром, Металците ќе се соочат со добро познат противник, каде што ќе ја имаат фаворитската улога, а предводени од фановите, не би требало да имаат поголеми проблеми во четврт-финалната фаза.
Сутјеска е добро познат противник, којшто на последниот меѓусебен дуел славеше мининално со 56:55, но кога МЗТ игра пред своите навивачи, тогаш тоа е друга приказна.
Три победи (92:83, 88:78, 94:73), како и пораз во сега веќе далечната 2016 година (71:75) се јасен показател за тоа кој е фаворит.
Четврт-финалните следби од АБА 2 плејоф турнирот во Скопје започнуваат точно напладне, со мечот меѓу Борац Бања Лука и Младост Земун. Од 15:00 часот играат екипите на Хелиос Домжале и Златибор Чајетина, а како што напоменавме, средбата меѓу МЗТ и Сутјеска е од 18 часот.
Денешната програма се затвора со мечот меѓу Широки Брег и Спарс Сараево од 21:00 часот.