По обновата на договорот со тренерот Васко Атанасов и неговиот досегашен стручен штаб, македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром официјално објави потписи со тројца американски кошаркари.
Во следната сезона сино-белиот дрес на МЗТ ќе го носат Грегори Џонсон, Елајџа Мекејден и Чарлс Гил.
Џонсон (25 години, 196 сантиметри) е ниско крило. Тој до предминатата сезона настапуваше за Истерн Њу Мексико универзитетот, додека во минатиот шампионат беше дел од австрискиот прволигаш Грац.
На позицијата „два“ (бек-шутер) ќе настапува Мекејден (25 год, 192 см.), зад кого се две европски сезони. По завршување на универзитетската кариера во дресот на Мемфис тајгерс, тој се пресели во Португалиј, каде што прво играше за Портимоненсе, а потоа и за Бареиро. Вториот дел од минатата сезона го мина во полското првенство настапувајќи за ПГЕ Старгард.
Американската тројка ја комплетира „Ел-Џи“ Гил (30 години, 203 см.), кој игра на двете центарски позиции и има најголемо искуство од трите засилувања. По четирите години во НЦАА, тој минал три сезони во развојната Џи лига. Потоа играл во повеќе земји, а минатата сезона бил кошаркар на кипарскиот прволигаш Лимасол.
Клубот од Аеродром најави дека наскоро ќе ги објави имињата и на македонските кошаркари кои ќе му бидат на располагање на тренерот Атанасов за следната сезона.