Српскиот кошаркар со словенечки пасош Бојан Радуловиќ го засили МЗТ Скопје, па сега аеродромци имаат уште една одлична опција за играта под кошевите.
Радуловиќ има 27 години и е висок 211 сантиметри и што е најважно за МЗТ, тој е квалитетен играч кој добро се снаоѓа под кошевите.
Станува збор за центар со искуство од најсилната АБА-лига, во која настапуваше најпрво со Металац Ваљево, а потоа и две сезони со Унион Олимпија и во која одигра вкупно 45 натпревари.
Во Аеродром Радуловиќ доаѓа од словенечкиот прволигаш Тајфун од Шентјур, каде што на седум средби сезонава имаше просек од 9,4 поени и 6,9 скока.
Радуловиќ кариерата ја почнал во тимот на Спартак од родната Суботица, по што има играно за Електра Шоштањ, Олимпија во два наврати по три сезони, Хелиос, Шкофја Лока и Копер Приморска. Лани со „змајчеки“ од Љубљана беше шампион на Словенија.