МЗТ Скопје Аеродром поведе со 1:0 во финалната серија од кошаркарското првенство на Македонија, откако со 84:64 славеше над Пелистер во салата „Јане Сандански“. Вториот меч од финалето ќе се игра повторно во Скопје, в среда. Шампион ќе биде тимот кој прв ќе стигне до три победи.
Пелистер во првата четвртина успеваше да парира на фаворитот, па имаше предност од 6:4, а потоа МЗТ стигна до 16:10, а по 10 минути игра на беше нерешено 18:18. МЗТ водеше со 23:21 на почетокот на втората четвртина кога следуваше фуриозна игра на домаќините и со серија од 13:0 стигнаа до 36:21 во 16 минута.
Највисоката предност аеродромци ја имаа кога поведоа со 39:23, а на полувреме актуелниот првак замина со предност од 41:29.
Во третата четвртина домаќинот повторно на два пати ги имаше највисоките +16 кога водеше со 48:32 и 52:36, а по три четвртини резултатот остана предноста од 12 поени како што беше и на полуреме (61:49).
Во последните 10 минути фаворитот рутински одработи и стигна до посакуваните 1:0 во победи. Абу со 20 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а двоцифрени кај МЗТ беа и Крстевски со 15 поени и Војдан Стојановски со 11. Кај Пелистер најефикасни беше Стајиќ и Карпентер со по 16 поени.