МЗТ Скопје Аеродром и Работнички победија во второто коло од кошаркарската Суперлига. Во мечот кој требаше да биде дерби, МЗТ со 86:76 ја победи Блокотехна. Гостите одлично парираа речиси три четвртини. Неизвесно беше до 46:46, кога МЗТ со серија од 9:0 стигна до предност која ја задржа до крајот на средбата.
Бојиќ и Соколов со по 19 поени беа најефикасни кај победничкиот тим, а Магдески додаде 15 поени за домаќините. Фундербрук и Младеновиќ дадоа по 20 поени во редовите на Блокотехна.
Работнички воопшто немаше проблеми со Кожув и победи со убедливи 88:56. Гостите само во првата четвртина даваа некаков отпор, кога Работнички водеше само со 21:15. На полувремето веќе беше 44:23 за фаворитот и се беше јасно околу победникот.
Стајиќ со 18 поени беше најефикасен кај Работнички, а 15 поени даде Вашингтон, додека по 13 поени постигнаа Јанески и Караџовски.