МЗТ Скопје Аеродром го доби дербито против ТФТ Скопје во 20 коло на Првата кошаркарска лига на Македонија. Аеродромци славеа со 74:68 и на тој начин актуелниот првак го обезбеди првото место на табелата во пресрет на плејофот.
Израмнето започна дуелот, МЗТ водеше со 12:11, а потоа следуваше одлична игра на домаќините кои со серија од 16:3 стигнаа до водство од 28:14. Од тој момент, МЗТ постојано имаше контрола на резултатот, па така и по три четвртини, предноста на фаворитот беше 10 разлика (61:51).
Речиси во текот на целата последна четвртина разликата беше двоцифрена, а по 74:60 кога и победникот беше решен, ТФТ постигна осум поени по ред, за попристоен пораз.
Во останатите мечеви кои се одиграа денеска, Кожув на гости славеше против Феникс со 80:72, а Шкупи на свој терен го победи Гостивар со 90:79.